Косовскиот премиер Рамуш Харадинај тврди дека економскиот раст на Косово е највисок во регионот и најави нови мерки на Владата за задржување на тој тренд, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на Фејсбук објави дека на утринската средба со министерот за финансии Бедри Хамза и соработниците биле анализирани последните податоци за состојбата со даночната политика во земјата.

– Ова е година на економијата и во тој дух работиме за да добиеме прецизна слика за тоа каде се наоѓа Косово на полето на фискалната политика, што сме презеле како Влада за да ја исполниме законската инфраструктура, фискалните олеснувања што сме ги презеле, ослободувајќи од данок многу производни линии, како и што можеме да направиме повеќе за поттикнување на економскиот раст, генерирање на нови работни места и подобрување на нашата благосостојба – напиша Харадинај.

Според него, во земјата секојдневно се забележува пораст на производството и извозот.

– Косово бележи најголем економски раст во регионот. При посетите на терен секојдневно забележуваме пораст на производството и на извозот и примарен интерес на земјата е да ги евидентираме и да ги искористиме сите наши ресурси за да ги унапредиме овие параметри – вели Харадинај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.