Првиот притвореник на Специјалниот суд во Хаг, Сали Мустафа, утре ќе се појави пред Хашкиот трибунал под обвинение дека сторил воено злосторство, пренесува Коха. Ова ќе биде прво рочиште од ваков вид, три години откако Специјализираниот суд е целосно правно функционален, а ќе се емитува на Интернет.

Адвокатот акредитиран во Специјалниот суд, Тауjант Ходај, нагласува дека утре може да се донесе одлука за налог за притвор за Мустафа. После тоа, тој и одбраната ќе имаат рок од 30 дена да го оспорат обвинението.

Постои правна основа и за апсење и за одбрана, во зависност од барањето на обвинителството, судот ќе одлучи. Но, ова е прв случај на апсење и верувам дека утре ќе се види дали ќе има барање за притвор, а се чини дека ќе има, така што во текот на судската постапка обвинетиот нема да има пречки со покани или да патува на релација Косово-Хаг, изјави Ходај.

Покрај Мустафа, во понеделник како осомничен ќе биде сослушан и поранешниот командант на Генералштабот на ОВК, Агим Чеку.

Во петокот, по наредба на Специјализираното обвинителство, беа уапсени двајца водачи на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај.

За нив се издадени потерници за кривични дела против спроведување на правдата, заплашување сведоци, одмазда и повреда на тајноста на постапката.

Адвокатот Артан Черкини вели дека, бидејќи против нив сè уште не е покренато обвинение, на Гуцати и Харадинај најпрво ќе им биде изречена мерка на безбедност.

Првото прашање што ќе се дискутира за Гуцати и Харадинај ќе биде прашањето за притвор. Значи, дали ќе им биде одреден притвор, проследено со фаза на обвинение и фаза на судење, не се осмелувам да прејудицирам за овие процедурални чекори се додека не се појават, рече Черкини.

Харадинај и Гуцати можат да бидат осудени на десет години.

Според кривичниот законик на Косово, за кривично дело заплашување на сведоци, Гуцати и Харадинај можат да бидат осудени на затворска казна од две до десет години, одмаздата може да се казни со затвор до три години и повреда на тајноста до една година.

Адвокатите велат дека ако обвинителството верува дека други лица овозможиле да се соопштат доверливи информации, истите би можело да ги чека  истата судбина како и шефовите на Организацијата на воени ветерани на ОВК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.