Актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ пред вториот круг од претседателските избори в недела изјави дека „сите потенцијали на големосрпскиот национализам“ се во функција во предизборната кампања. Тој во интервју за „Гласот на Америка“ рече дека и за време на актуелната предизборна кампања „имаше мешање однадвор“ и додаде дека тоа „постојано се случува“.

Само некој кој не е заинтересиран за балканскиот живот и политика не гледа дека големосрпскиот национализам е многу активен, дека неговите актери сфаќаат дека се ближи моментот кога ќе мора да се соочат со фактот дека Косово е изгубено и би сакале да обезбедат некаква компензација во форма на, би рекол, продолженото влијание на Србија врз регионот. И претпоставувам никого не изненадува што првиот поглед оди кон Црна Гора – рече Ѓукановиќ.

Ѓукановиќ рече дека е уверен во својата победа во вториот круг од изборите на 2 април, во кој неговиот противкандидат е заменик-претседателот на популистичко движење Европа сега, Јаков Милатовиќ.

Тој изјави дека денес „неспоредливо му е појасно дека Црна Гора не го избира само својот претседател, туку дека треба да ја потврди својата истрајност на патот кон постигнување на европскиот систем на вредности, место во ЕУ и европски квалитет на живот“.

Алтернатива на тоа е членството на Црна Гора во Отворениот Балкан, „српскиот свет“ и оние веќе видени лоши алтернативи во кои земјите од Западен Балкан, низ историјата, го трошеа своето време – додаде тој.

Изрази уверување дека, доколку остане на функцијата претседател, Црна Гора ќе стане членка на ЕУ во текот на неговиот следен мандат, односно во следните 5 години.

Апсолутно сум сигурен дека тоа можеме да го оствариме во мојот следен претседателски мандат. Потребно е само државата да добие одговорна администрација преку соодветни претседателски избори, а потоа и на парламентарните избори на 11 јуни – порача Ѓукановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.