Специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за косовско-српскиот дијалог, амбасадорот Ричард Гренел ќе допатува денеска во Косово, заедно со делегација на американската Влада предводена од извршниот директор на Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ), Адам Белер, јави дописникот на МИА од Приштина.

Патувањето е „продолжение на историскиот договор“ меѓу Израел, Велика Британија и Бахреин и „договорот за економска нормализација на Србија и Косово“, се наведува во соопштението на ДФЦ.

Гренел во оваа прилика најави започнување на спроведувањето на економските договори, што на 4 септември во Белата куѓа во Вашингтон ги потпишаа косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Имплементацијата на договорот постигнат меѓу Косово и Србија е топ-приоритет за администрацијата на претседателот Трамп. Се гледаме  неделава во Приштина и Белград, напиша Гренел на својот Твитер.

Во американската делегација, која освен Косово во наредните пет дена ќе ги посети и Србија, Грција и Израел, учествуваат и заменик администраторот на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) Бони Глик, претседателката на Извозно-увозната банка на САД (EКСИМ) Кимберли Рид, како и претставници на департманите за енергетика и за трговија при Владата во Вашингтон.

Косовскиот премиер Хоти потврди дека денеска ќе има средба со американската делегација, која, според соопштението од Вашингтон, освен со високи владини претставници, ќе се сретне и со лидери на приватниот сектор во земјите кои ќе ги посети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.