Европската унија денеска ќе расправа за можноста за воведување сертификат за вакцинирање со цел да се олесни патувањето во рамки на Унијата. Освен Грција, и Шпанија и Португалија бараат ваков сертификат, додека други земји изразија загриженост.

Шпанија бара од Европската унија и Организацијата за економска соработка и развој да направат сертификат за вакцинација што ќе го олесни патувањето, изјави денеска министерката за надворешни работи, Аранча Гонзалес

– Сертификатот за вакцинација е нешто кон што неминовно се движиме. Тоа ќе биде многу важен елемент што ќе гарантира безбедно враќање во нормала и движење, изјави Гонзалес за радио станицата РНЕ.

– Издавањето на таков документ треба да биде координирано на европско или глобално ниво, но тоа ќе им овозможи на луѓето да патуваат, како што сега можат да сторат со негативни тестови за ПЦР, додаде таа.

– Сертификатот за вакцинација, за што се дискутира во ЕУ, треба да дејствува како доказ за безбедноста и да укине одредени барања на внатрешните граници на ЕУ, рече министерот за внатрешни работи на Португалија Едуардо Кабрита.

На состанокот со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, Кабрита ја оцени како „нов предизвик“ врската со слободно движење во рамките на Шенген зоната на овој вид сертификати, „што треба да дејствува како доказ за безбедноста и да отстрани одредени барања на границите – особено, условот за ПЦР тестови.

Тој рече дека ограничувањата за движење во рамките на Шенген зоната „треба да бидат ограничени на многу специфични ситуации и со заеднички договор меѓу земјите“, наведувајќи го како пример затворањето и последователното повторно отворање на копнената граница меѓу Португалија и Шпанија помеѓу март и јуни.

Предлогот за потврда за вакцинација неодамна го поднесе грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за да се олесни патувањето низ ЕУ.

Ова прашање ќе се дискутира на телеконференција на лидерите на ЕУ подоцна денеска, но некои земји веќе изразија загриженост од таквиот потег.

Франција смета дека е премногу рано да се зборува за таков документ. – Додека не влеземе во фаза на вакцинирање за пошироката јавност, кажувајќи им на луѓето дека нивната активност е ограничена, а притоа пристапот до вакцините не е генерализиран, нема да функционира, рече неодамна државниот секретар за европски прашања Климент Боун.

Од своја страна, Букурешт го опиша предлогот нешто што ќе предизвика раздор.- „Не мислам дека е добра идеја. Мора да има потврда за вакцинација, но мора да се користи од медицински причини, а не за патувања, рече романскиот претседател Клаус Јоханис.

Неодамна СЗО препорача да не се воведува сертификат за вакцинирање додека вакцината не биде еднакво достапна за сите, оквалификувајќи дека таков документ може да придонесе за дискриминација

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.