Сигурно говориме за земји од нашето соседство, од овие земји ќе биде и полесно да дојдат туристи, вели министерот за туризам на Грција Харис Теохарис во однос на тоа кои ќе бидат првите туристи, за кои земјата ќе дозволи влез на 15 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.

Теохарис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ објасни дека на конечната листа со земји, што сѐ уште не е финализирана, работи експертска комисија на епидемиолози.

Било побарано, да се разгледаат балканските и балтичките земји, земјите од северна Европа, Германија, Израел, Кипар, како и други земји од поширокиот регион.

– Во првата фаза, очекуваме од Националната организација за јавно здравје да ни достави листа со земји за кои смета дека епидемиолошките податоци се такви што дозволуваат туристите со соодветната безбедност да пристигнат во Грција, објасни грчкиот министер за туризам.

Тој додаде дека конкретната листа за првата фаза, се очекува да биде подготвена пред крајот на месецов.

За втората фаза, на 1 јули, кога ќе се отворат сите грчки аеродроми за туристи, ќе биде подготвена нова листа со земји, за кои ќе има забрана, но листата повторно и редовно ќе се разгледува.

Во однос на одлуката од туристите да не се бара тест за Ковид-19 пред пристигнувањето во Грција, Теохарис вели дека тоа е одлука донесена од надлежните.

– Сакам да бидам јасен, оваа одлука, практично беше донесена од самите доктори. Органите кои издаваат такви упатства, како што е Европскиот центар за превенција и спречување на болести (ECDC), ни велат дека е мала вредноста да се прават овие тестови. Нам не ни претставува никаков проблем да се прават тестови, доколку тоа би го олеснило протокот на туристи. Но, ни велат дека реално, има мала вредност во тоа, објаснува министерот за туризам на Грција.

Теохарис, прашан за насловната страница на турскиот весник „Хуриет“ и информацијата дека разговарал со неговиот турски колега и се договориле за заедничка рекламна кампања со Турција, демантира дека постоел таков договор.

– Како би можело да постои договор кога имаме целосно различни епидемиолошки карактеристики?, запраша Теохарис

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.