На маргините на Светскиот економски форум во Женева денеска премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе се сретнат со шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас.

За средба со Заев и Димитров говореше Дендијас во вчерашното интервју за грчкото радио „Тема фм“, но и портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Гениматас на редовниот брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија рече дека Европската унија „создаде јаз во политиката и кон Северна Македонија и кон Албанија, двете земји ги остави на „чекање“, коментирајќи дека „чекањето“ не е политика и не е воопшто ни позиција.

Дендијас, во интервјуто за грчкото радио објасни дека средбата со Заев и Димитров ќе ја искористи да се информира и да ги слушне нивните позиции, паралелно истакна дека Грција разговара и со Италија и со Германија, бидејќи ЕУ перспективата на земјите од регионот, за Атина, е директно прашање, но посочува дека е потребна внимателност.

Ние сме многу внимателни затоа што не сакаме неуспеси. Знаете, да поставиш една тема на еден совет, ја поставуваш во кој момент сакаш, никој не те спречува. Прашањето е што ќе се случи. Затоа што ако се повтори „не“, тоа не те враќа назад во почетната точка на дискусијата. Тоа те враќа многу порано и во многу полоша точка. Затоа, сакам да разговарам со двајцата, да видам како им изгледа ситуацијата, што прават, каква е внатрешната состојба, да ме известат, вели Дендијас во однос на средбата со Заев и Димитров.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Гениматас на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека разговорите ќе се фокусираат на Договорот од Преспа и спроведувањето на реформите.

Разговорите ќе се фокусираат, прво, на тоа како ќе се продолжи со реформите и како Грција ќе го поддржи спроведувањето на овие реформи, како што прави до денес. Во однос на Договорот од Преспа, позициите се познати, треба да има правилно и без отстапки придржување кон договорот, рече Гениматас.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Грција има за цел да преземе иницијатива за ЕУ перспективата на Северна Македонија и Албанија, портпаролот на грчкото МНР, исто како и Дендијас, рече дека потребно е да се разгледа ситуацијата, да се создадат поволни и соодветни услови и било кои чекори што би се презеле да бидат внимателни.

Не можеме да очекуваме дека веќе од утре ќе се сменат декларираните позиции на значајни земји од Европската унија. Она што треба да го направиме е да работиме за да се постигнат оние услови што ќе дозволат за релативно брз временски период да се дојде до некаков напредок во посакуваната насока, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција.

Спроведувањето на Договорот од Преспа беше една од темите и во интервјуто на Дендиас за „Тема фм“, но и на брифингот на портпаролот на грчкото МНР.

Шефот на грчката дипломатија рече дека потребно е правилно спроведување, објаснува дека ниту една од страните не може во рамките на меѓународното право да помисли да говори за невалидност на договорот, доде дека секоја земја како што има минато, сегашност и иднина има и континуитет и мора да ги почитува договорите.

За евентуална промена на власта кај нас, Дендијас како пример спомена дека и во Грција се смени владата, а актуелната нема „апсолутно поклопување со позицијата на претходната влада за договорот“, па и покрај тоа го почитува.

Паралелно објасни дека не постои можност за промена на името од Северна Македонија во Македонија.

Ставот на грчката влада е јасен, воопшто не постои никаква можност, баш никаква, да стане збор за промена на името на Северна Македонија. Било што друго што ќе го тврди, било кој од соседната земји, мислам дека е лукаво и не е ни прифатливо како основа за дискусија, рече шефот на грчката дипломатија.

На брифингот со новинарите, за Договорот од Преспа и неговото спроведување, портпаролот на грчкото МНР рече дека Атина тесно следи дали другата страна ги исполнува обврските, а во Министерството за надворешни работи на Грција е формирана task force за следење.

За двете комисии што произлегуваат од договорот, за учебниците и за трговските ознаки и до каде е нивната работа, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Гениматас објасни дека се очекува наскоро да се одреди нова средба за комисијата за учебниците, а за ознаките, го повтори ставот дека грчката влада има намера да ги поддржи “трговските имиња од вистинската, автентичната Македонија и на светско ниво да ја добие комуникациската игра”.

За комисијата за учебниците рече дека ќе има и нов состав, но објасни дека тоа не значи дека ќе почнат од почеток, туку ќе продолжат онаму каде што застана претходната по одржаните четири средби.

Министерството за надворешни работи на Грција од вчера одново воведува редовен брифинг со грчките новинари и странски дописници кои следат надворешна политика, а на вчерашната прва средба, на претставниците на медиумите им се обрати и шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.