Додаток од 2.000 евра за секое новороденче, заштита од отпуштање од работа од 24 месеци по породувањето, воведување анонимно породување за намалување на бројот на напуштања на новороденчиња, се дел од мерките што ќе ги преземе грчката Влада за справување со демографскиот проблем и поддршка и зајакнување на семејството, наведува грчкиот весник „Real news“, jави дописничката на МИА од Атина.

Весникот пишува дека грчкото Министерство за труд подготвува 14 мерки, меѓу кои и додаток од 2.000 евра за новите родители од јануари 2020 година. Министерот за труд, Јанис Вруцис и заменик министерката за социјална солидарност Домна Михаилиду ќе обезбедат 180 милиони евра за новиот додаток што ќе се подели на околу 90 илјади мајки, со исклучок на оние кои имаат високи месечни примања.

„Ако итно не се преземат мерки за стопирање на ниската стапка на наталитет, до 2050 година, населението во Грција ќе се движи помеѓу 8,3 и 10 милиони, со просечна возраст 47-50 години, додека луѓето над 65 години ќе бидат 30-33 отсто од населението, според научниот извештај вклучен во парламентарната комисија за демографијата. До крајот на следните 20 години, во 2035 година, населението во Грција ќе се движи од 9,5 до 10,4 милиони“, пишува „Real news“ и додава дека Грција има најголем број абортуси во Европа и е трета во светот со околу 250 илјади абортуси годишно.

Меѓу 14-те мерки што ќе ги преземе грчката Влада, според весникот се и: доделување стипендии за нови мајки кои се студентки, можност за избор кога ќе се искористи породилното отсуство, за родителите кои нема да најдат место за нивното дете во државна градинка, ќе се доделуваат купони од 180 евра за 10 месеци, продолжување на работното време на градинките, воведување статус доверливо, односно анонимно породување за да се елиминираат случаи на опасни породувања и напуштања на новороденчиња, преземање иницијативи за ограничување на несаканите бремености преку сексуално образование и информирање за начините на контрацепција, зголемување, од 18 на 24 месеци, на заштитата од отпуштање по породувањето.

– Не само што нема да укинеме ниту еден од постоечките додатоци, туку ќе ги зајакнеме. Заедно со моите соработници во министерството вложуваме максимални напори за да го поддржиме грчкото семејство кое во последните години претрпе огромни оптоварувања – вели за „Real news“ заменик министерката за социјала Домна Михаилиду.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.