Грчката влада соопшти дека сè уште очекува ЕУ да одобри санкции против Турција, и покрај договорот на двете членки на НАТО да ги продолжат разговорите за поморските граници, енергетските права и другите долготрајни спорови.

Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ се очекува да ги разгледаат предлозите за воведување санкции кон Турција, која не е членка на Унијата, на самитот одложен за 1-ви и 2-ри октомври.

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пекас, рече дека очекува лидерите на земјите од ЕУ да усвојат одредени предлози. Сепак, тој за државната телевизија ЕРТ посочи дека сега се поставува прашањето како ќе се активираат санкциите во случај Турција да отстапи од почитувањето на одлуките што ќе бидат донесени, бидејќи „членките не се навикнати ЕУ да дејствува брзо“, пишува Асошиејтед прес.

Спорот меѓу Грција и Турција на истокот на Медитеранот започна на почетокот на овој месец, откако турските власти испратија воен брод за придружба на истражувачки брод до областа за која тврди Атина дека е нејзина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.