Министерот за цивилна заштита на Грција, Такис Теодорикакос, побара од началникот на грчката полиција Михалис Карамалакис, полицијата да не ги апси просветните работници кои го применуваат законот за заштита од Ковид-19, a по тужби од родителите кои или се антиваксери или не веруваат во корона вирусот.

Одлуката доаѓа по најмалку пет случаи во различни делови на Грција, во кои родители не ги почитуваат актуелните мерки за работата на училиштата, па нивните деца ги испраќаат на училиште или без маска или без потврда од задолжителното тестирање, а потоа, откако учениците нема да бидат примени на настава, ги тужат наставниците или директорите.

Последниот случај е од Солун, каде што татко на ученик предизвикал инцидент во училиштето, бидејќи синот не го примиле без потврда за селф тест. Тој, иако бил одведен во полициска станица заедно со директорката и наставниците и бил покренат случај против него за нарушување на јавниот мир и ќе му се суди, сега ја тужи директорката, барајќи 2,7 милиони евра отштета.

Од Министерството за цивилна заштита соопштуваат дека доколку постојат тужби против професорите, наставниците, директорите и слично, треба да се следи соодветната процедура, но без просветните работници да треба да бидат одведени во полициска станица и додаваат дека „целта на сите треба да биде обезбедување на правилно функционирање на училиштата и заштита на неопходната образовна клима што мора да постои во училиштата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.