Поранешниот портпарол на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, Винченцо Грасо вели дека северноатлантската алијанса и КФОР никогаш нема да дозволат враќање на српската војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Реагирајќи на изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ дека ќе се бара враќање на српската војска во Косово, согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, Грасо порача дека со ниедна одредба од таа резолуција не е предвидено тоа што го бара Белград.

– Според Резолуцијата 1244, на српскиот персонал може да му се дозволи да врши САМО четири функции и НИЕДНА од нив не е во согласност со актуелната ситуација и со намерата на г. Вучиќ, кој многу добро знае дека НАТО и КФОР никогаш нема да одобрат такво нешто, порача Грасо преку Твитер.

Тој ја објави и одредбата на која се повикуваат Вучиќ и српската премиерка, Ана Брнабиќ во најавата дека ќе бараат враќање на српските војници во Косово.

– По повлекувањето (од Косово), на одреден број југословенски и српски персонал, кој што ќе биде дополнително договорен, ќе му се дозволи да се врати за да ги врши следните функции: Поврзување со меѓународната цивилна мисија и присутните меѓународни безбедносни структури; Одбележување/чистење на минските полиња; Одржување присуство во местата на културно-историско наследство; одржување присуство на клучните гранични премини, напиша Грасо.

Поранешниот портпарол на КФОР својата реакција ја објави во одговор на „твитот“ на новинар на приштинскиот портал „Газета експрес“, кој потсети на моментот кога, по потпишувањето на капитулацијата на српската војска во Куманово во јуни 1999 година, германскиот командант Хелмут Харф му даде на српски офицер 30 минути рок заедно со неговите војници да го напушти Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.