Грчките власти наложија нова евакуација на жителите во селата во северниот дел на островот Евија, кои се опкружени со големи пожари, а од вчера се повредени тројца пожарникари.

Според најновата наредба, жителите и туристите во Кулурос, Марулија, Ровиес и Палаиохори мора да ги напуштат своите домови како мерка на претпазливост на вториот по големина грчки остров, пренесува „Катимерини“.

Пожарникари, авиони за гаснење пожари, општински екипи и волонтери се обидуваат да го локализираат огнот кој избувна вчера во шумата кај селото Лимни и се чинеше дека има подобрување во гаснењето на пожарот, се додека промената на правецот на ветрот повторно го запали огнот и се прошири во различни насоки.

Ситуацијата е особено опасна во областа Дримонас, каде група монаси не сакаат да го напуштат манастирот „Свети Давид“, иако зградата е опкружена со оган.

– Ситуацијата е многу тешка. Пламенот е висок 30 до 40 метри во борова шума, огнот го опколи манастирот. Се задушуваме од чадот, ова е кошмар, изјави манастирскиот старешина за државната новинска агенција АНА-МПА.

Гувернерот на централна Грција, Димитрис Вурданос, кој беше во манастирот со регионалниот гувернер, Фанис Спанис, се обидува да ги убеди монасите да се евакуираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.