Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ ќе допатува утре во прва официјална посета на Косово, на покана на неговата косовска колешка, Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Османи, таа во 10 часот ќе го пречека црногорскиот колега со највисоки државни почести на главниот приштински плоштад, „Ибрахим Ругова“.

По церемонијата на пречек двајцата претседатели ќе имаат билатерална средба, а потоа и обраќање пред медиумите.

Како прв црногорски државник кој ќе престојува во официјална посета на Косово од прогласувањето на неговата независност, Ѓукановиќ во Приштина ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.

Црногорскиот претседател уште пред два месеци најави дека планира да ја посети соседната држава.

Јас досега не сум бил во официјална посета на Косово. Ѝ се радувам на оваа посета и сакам на овој начин да придонесеме во нашето меѓусебно разбирање како држави, изјави Ѓукановиќ во март годинава за телевизијата КТВ.

Тој во истото интервју порача дека „преку јакнењето на меѓусебното разбирање ќе расте и квалитетот на соработката меѓу земјите од регионот, што ќе влијае и на зголемувањето на квалитетот на регионалната соработка и стабилност и на европската перспектива на регионот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.