Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, изјави дека присуството на набудувачката мисија на Европската мрежа на организации за набљудување на изборите (ЕНЕМО) било исклучително важно за демократскиот карактер на изборниот процес во Црна Гора.

Во разговор со шефот на мисијата, Џанлука Пасарели, Ѓукановиќ порача дека на крајот од процесот, сите имале причина да бидат задоволни, бидејќи Црна Гора покажала демократски капацитет и покрај најавите за можни компликации, како и солидна демократска основа која е во состојба да одговори на потребата за транзиција на власта.

Сето ова е добра потврда дека не сме ги изгубиле изминатите 30 години и дека и покрај критичките опсервации и предрасуди кон Балканот од одредени адреси, сепак имаме значителен број практики кои го потврдуваат капацитетот за европски стандард и членство во ЕУ – посочи Ѓукановиќ.

Тој рече дека Црна Гора, откако внимателно ќе го прочита Извештајот ЕНЕМО, но и порано, ќе работи на отстранување на слабостите и подобрување на изборниот систем.

Пасарели посочи дека бил сведок на историски момент, не само поради резултатите од изборите, туку и поради односот и одлуката на Ѓукановиќ, со што, како што рече, може да се гордее бидејќи тие претставуваат чекор напред кон демократско созревање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.