Претседателот на Парламентот на Црна Гора, Алекса Бечиќ, официјално потврди дека свикал вонредна седница на Собранието за 20 јануари.

Според дневниот ред на вонредната седница, ќе се повтори гласањето за сите закони усвоени на претходната седница, на 28 декември минатата година, меѓу кои е и изменетиот Закон за слобода на вероисповед.

Пратениците повторно ќе гласаат за пакетот закони што претседателот Мило Ѓукановиќ одби да ги потпише.

Причина за враќањето, според образложението на Ѓукановиќ беше отвореното прашање за кворум на седницата на која биле усвоени тие закони.

Во образложението се наведува дека согласно член 90 став 3 од Деловникот на Собранието на Црна Гора, пропишано е дека кворумот се утврдува со примена на системот за електронско гласање, на таков начин што секој пратеник е должен лично да се идентификува (регистрира) со вметнување лична карта на седиштето или врз основа на евиденцијата на генералниот секретар на Собранието. – Затоа, прашањето е дали имало кворум на почетокот на седницата и усвојувањето на нејзината агенда, а со тоа и прашањето за демократскиот легитимитет, како и усогласеноста на донесените закони со Уставот на Црна Гора и применливите законски прописи, изјави тогаш Ѓукановиќ за Танјуг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.