Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји оди во посета на Бугарија, објавија бугарските медиуми, повикувајќи се на ЕУ. Во агендата на Вархеји се предвидени средби со претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Светлан Стоев.

Детали за разговорите не се соопштуваат, но БНР, повикувајќи се на упатени извори, пишува дека тема ќе биде ветото на Бугарија за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Ова ќе биде второ патување на Вархеји во Софија годинава. Тој на 21 мај беше во посета на Бугарија заедно со шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантос Силва, каде што на средби со бугарските политичари разговараа за португалскиот предлог за решавање на спорот помеѓу Софија и Скопје. Тогаш тие беа во посета и на земјава.

Претседателот на Бугарија Румен Радев, за време на Стратешкиот форум во Блед на 1 септември, за БНТ изјави дека притисокот врз Бугарија во наредните месеци на тема Република Македонија ќе продолжи да се зголемува.

„Се зголемуваат очекувањата на нашите европски партнери за Софија да направи компромис во спорот со Скопје. Бугарија е за европска интеграција на Западен Балкан и Скопје, но тоа не треба да биде на сметка на бугарскиот национален интерес“ рече тогаш Радев и додаде дека оваа позиција ја искажал пред претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Бојс.

„Ги повикав нашите европски партнери да не вршат притисок само врз Бугарија. Верувам дека со заеднички напори ќе постигнеме одржливи решенија, но тоа не може да се направи на сметка на бугарскиот национален интерес“, изјави Радев за БНТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.