Грција најверојатно ќе биде првата земја која ќе го ратификува протоколот за пристапување на Македонија кон НАТО, а тоа планира да го направи до 8-ми февруари, објави бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на свои извори.

Портпаролот на НАТО, претходно изјави дека датумот на потпишување на протоколот за пристапување на Република Македонија како 30-членки на НАТО ќе биде одреден во наредните денови, бидејќи Атина и Скопје го ратификуваа договорот со кој беше ставен крај на деценискиот спор меѓу двете земји.

Ова значи дека Македонија може да стане членка на НАТО на самитот во јули, под услов другите држави ги забрзаат процедурите за ратификацијата. Процесот на ратификација обично трае една година.

Според извори на „Еурактив“, официјалниот текст од протоколот за пристапување вчера бил усвоен и сега 29-те постојани членки на НАТО чекаат одобрување од нивните земји за да го потпишат.

Откако ќе биде потпишан, текстот ќе биде испратен за ратификација до парламентите на земјите-членки на НАТО.

Грција сака да го ратификува протоколот до 8 февруари – изјавил извор за „Еурактив“, додавајќи дека Атина веројатно ќе биде првата земја која ќе ги отвори вратите на НАТО за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.