Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска патуваат во Турција каде на претседателот Реџеп Тајип Ердоган ќе му ги претстават условите на ЕУ за постепено обновување на економските односи и ќе разговараат за поддршката за бегалците. Во овој „акциски план“ всушност се содржани одлуките на лидерите на ЕУ од самитот одржан на 26 март.

Разговорите во Анкара ќе бидат „ политички момент“, но нема да бидат преговори, изјавија дипломатски извори во Брисел.

Лидерите на ЕУ, кои треба да разговараат за Турција во јуни, на неодамнешниот самит го одобрија „постепениот и условен пристап кон зајакнување на соработката во голем број области од заеднички интерес“.

ЕУ е подготвена да почне модернизација на царинската унија, да го продолжи дијалогот на високо ниво и да преговара за олеснување на визниот режим за турските граѓани.

Доколку нема напредок, во извештајот на европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел се наведуваат неколку опции, меѓу кои се и санкции за туристичкиот сектор во Турција.

Турција ги критикуваше заклучоците од самитот на ЕУ, истовремено ветувајќи дека ќе одговори со „позитивни чекори“ на евентуалниот гест на Унијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.