Земјите-членки на ЕУ се договорија за заеднички став за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово од датумот на отпочнување на Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS) или најдоцна од 1 јануари 2024 година.

Врз основа на овој заеднички став, ротирачкото претседателство ќе започне преговори со Европскиот парламент и ќе се обиде да се договори за конечна одлука.

Договорот е постигнат на состанокот на амбасадорите на земјите членки (Корепер).

„Денеска направивме важен чекор кон безвизно патување за Косово и сега се надеваме дека брзо ќе постигнеме договор со Европскиот парламент за да го направиме тоа ветување реалност. Визната либерализација е овозможена со напорите на Косово да ја зајакне граничната контрола, управувањето со миграцијата и безбедноста, и веруваме дека оваа добра соработка само ќе стане посилна во иднина“, рече Јан Липавски, чешкиот министер за надворешни работи, чија земја претседава со Советот на ЕУ.

Според договорениот став, на граѓаните на Косово ќе им биде дозволено да патуваат во ЕУ без виза за престој од 90 дена во кој било период од 180 дена.

Во согласност со ставот на Советот, ослободувањето од обврската за поседување виза ќе се применува од датумот на започнување на операцијата ETIAS, а во секој случај најдоцна до 1 јануари 2024 година.

Новиот Европски информативен систем за патување требаше да стапи на сила во мај 2023 година, но тоа беше одложено за шест месеци до ноември 2023 година.

Кога ETIAS стапи во сила, државјаните на трети земји на кои не им е потребна виза за патување во Шенген зоната ќе треба да аплицираат за одобрение за патување пред нивното патување преку едноставна процедура преку веб-страницата на ETIAS или мобилната апликација и ќе мора да плати такса од седум евра , а добиеното одобрение ЕТИАС ќе важи три години.

Косово е единствената земја на Западен Балкан на чии граѓани им се потребни визи за влез во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.