Членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент утре во девет часот во Брисел ќе гласаат за усвојување на овогодинешниот извештај за Србија.

На нацрт-извештајот што во април го претстави известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, беа поднесени 439 амандмани, а пратеничките групи усвоија 40 компромисни амандмани, со што се прошири текстот на извештајот.

Европскиот парламент се фокусираше на овогодинешниот извештај за Србија, повикувајќи го Белград „итно“ да се усогласи со санкциите наметнати од ЕУ против Русија и Белорусија и го поставува тоа како еден од условите за натамошен напредок на Србија на патот кон европската интеграција.

Се повикуваат српските власти вистински да се вклучат во неопходните реформи и да ја вратат земјата на вистинскиот пат на евроинтеграциите и на тој начин да ги исполнат европските аспирации на Србија – се наведува во текстот.

Во нацрт-текстот на извештајот се додава дека се очекува Белград и Приштина да потпишат правно обврзувачки договор за нормализација на односите „врз основа на взаемно признавање“, кој, доколку биде усвоен, ќе биде начин да се споменува меѓусебното признавање во официјалниот документ на Институција на ЕУ како потребно решение на дијалогот Белград-Приштина.

Пратеничката на Зелените, Виола фон Крамон, заедно со либералниот пратеник Клемен Грошељ и неколку претставници на социјалдемократите во Европскиот парламент е автор на најголемиот број амандмани поднесени во извештајот за Србија, особено во делот поврзан со соработката со Русија.

По гласањето во Комисијата за надворешна политика, извештајот за Србија ќе се најде на конечно пленарно гласање во Европскиот парламент на почетокот на јули, кога ќе биде усвоен во форма на правно необврзувачка резолуција за Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.