Во ЕУ резервирано ја примаат идејата на шефот на германската дипломатија за укинување на правото на вето на земјите членки во надворешно-политичките прашања. Медиумите во Унгарија критични

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел со скепса гледа кон германскиот предлог за укинување на принципот на едногласност при носењето надворешно-политички одлуки во Унијата.

Неговото искуство покажува дека влијанието во светот е поголемо кога одлуките се носат едногласно од сите членки на ЕУ. Пред да се размислува за укинување на консензусот, најпрво треба да се размисли за тоа, изјави Мишел во Брисел.

„Јас сум внимателен“, рече тој.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја отвори темата минатата недела, оценувајќи дека политиката на ЕУ не може да биде „заложник“ на поединечни земји членки.

 

„Не може повеќе да бидеме држени како заложници од оние кои ја парализираат европската надворешна политика со своите вета“, рече Мас.

Иако не ја спомена директно, критиката на Мас и на други германски дипломати деновиве е насочена кон Унгарија која во изминатите месеци блокираше серија заеднички иницијативи и одлуки на ЕУ. Во прв ред, Будимпешта се спротивстави на заедничката изјава за судирот меѓу Израел и Хамас, за критика кон Кина поради случувањата во Хонг Конг, но и за неколку други надворешно-политички иницијативи. Владата на премиерот Виктор Орбан негува блиски односи со Тел Авив и со Пекинг и се спротивставува на секоја критика на овие земји во ЕУ.

Мишел смета дека околу ефикасноста на ЕУ-институциите треба да се дискутира во рамките на Конференцијата за иднината на Европа. Заклучоците од конференцијата се очекуваат следната година.

Во Унгарија, предлогот на Мас беше експресно отфрлен од весникот „Маѓар Немзет“, кој важи за близок до владата на Орбан.

„(…) Тука се работи за Европа во следните децении. Ветото го отвора и прашањето дали сакаме да живееме во Европа на суверени земји членки или ќе тргнеме во правец на Соединети држави на Европа; во правец на еден тигар од хартија, во кој под мотото на ЕУ „Единство во различноста“ се губи секаква различност.

(…) Со укинувањето на ветото, земјите членки доброволно ќе се откажат и од оној суверенитет што им преостана“, пишува унгарскиот весник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.