Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Косово побара од политичките субјекти во земјата што поскоро да го конституираат новото Собрание произлезено од изборите одржани на 6 октомври и да ја формираат новата влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на претставништвото на ЕУ се нагласува дека е потребно формирање на новите институции заради спроведување реформи за економски и општествен развој, како и во владеењето на правото, спроведување на договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Србија со посредство на Брисел.

Потребно е брзо формирање на владата за да се спроведат овие процеси, во интерес на Косово и на нејзиниот народ и согласно Уставот и изразената волја на електоратот, се вели во соопштението.

Од канцеларијата на ЕУ очекуваат дека партиите кои преговараат за формирање на новата влада, Движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, ќе постигнат согласност за надминување на преостанатите предизвици.

Конститутивната седница на Собранието е закажана за 26 декември. Општите избори од 6 октомври му дадоа можност на народот на Косово да го исполни своето демократско право на глас и на избор на своето водство. Ова е суштината на демократскиот процес. Ние веруваме дека споменатите страни ќе го постигнат потребниот консензус за надминување на преостанатите предизвици, порача мисијата на ЕУ во Приштина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.