Природен чекор е Западниот Балкан да биде дел од Европската Унија, која пак мора да покаже повеќе ентузијазам за процесот на проширување. Ако Европа сака сериозно да биде сфатена како глобален играч, мора сериозно да размисли за одлуките кои претстојат. Потребно е повторно да се поттикне динамиката на процесот на проширување и нов почеток на проширувањето за да се овозможи исполнување на ветувањата на регионот во однос на неговата интеграција во ЕУ. За

тоа се потребни се дејства на теренот за да се потврди пораката дека членството на Западен Балкан во ЕУ е споделен стратешки избор.

Ова беа главните пораки на учесниците на Самитот за Западен Балкан на „Економист“ што вчера се одржа во Скопје, кои изразија надеж дека процесот на проширување на ЕУ е сѐ уште жив и ја повикаа Унијата да ги исполни ветувањата дадени кон Западен Балкан.

Американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар, во видео разговор со регионалната директорка на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, во рамки на Самитот, рече дека политиката на САД е тесно усогласена со европските партнери за тоа што треба да се направи во регионот на Западен Балкан.

– Кажано со еден збор – тоа е евроинтеграција. Американската политика е насочена кон поддршка на европската политика на насочување на земјите од Западен Балкан кон друштвото на западните демократски земји. Точка. Тоа е нашата политика и се останато е само тактички пристап како тоа да се направи. Тоа е нашата крајна цел за регионот на Западен Балкан и ако гледате на регионот историски и културно тие се Европа, и нивните граѓани и економии се тесно поврзани со Европа, истакна Ескобар.

Од наша перспектива, додаде тој, е природен чекор, дека тие треба да бидат дел од ЕУ, која веќе има огромно влијание во овие земји. – Прифаќаме дека не сите земји од ЕУ се отворени за брз прием на нови земји членки, како и дека земјите треба да ги исполнат реформските обврски. Но, тоа се прашања на кои САД и ЕУ работат заедно. Но, работиме одблизу со европските партнери за приближување и затворање на овие прашања, истакна Ескобар.

Нашето искуство, нагласи Ескобар, со нови земји членки од регионот во НАТО, особено со Црна Гора, Албанија и Македонија е дека се добри и солидни партнери.

– Сметам дека тоа е она што ЕУ може да го очекува од овие држави. ЕУ може да очекува дека овие земји ќе бидат солидни соработници, нагласи Ескобар.

Потврди дека САД и ЕУ се партнери во однос на политиката кон Западен Балкан.

– Точно е дека се гледаме себеси во Западен Балкан како партнери со ЕУ. Всушност се позитивно што се случи на Балканот почнувајќи од Дејтон до минатиот месец кога дијалогот воден од ЕУ успешно го разреши спорот со регистарските таблички помеѓу Србија и Косово сето ова беше спроведено во партнерство и координација помеѓу САД и Европа. И продолжуваме во таа  насока. Целосно ги поддржуваме европските напори за разрешување на ова прашање помеѓу Србија и Косово и прашањето на интегрирање на Албанија и Македонија и одржување на Црна Гора на европската патека и сите напори БиХ да стане уште пофункционална држава административно. На сето ова гледаме како партнери, рече Ескобар.

На Балканот, Ескобар посочи дека гледаат како на предизвик, иако политички има некои прашања кои треба да се решат.

– Ние гледаме вистински можности за партнерство со еден од најбрзо растечките региони во Европа. Има регионален тренд кон регионална економска интеграција на земјите надвор од ЕУ, без разлика дали тоа се вика Заеднички регионален пазар или Отворен Балкан, или нешто друго, тоа се случува и тоа многу брзо и сметам дека тоа е нешто позитивно, изјави Ескобар.

Регионот на Западен Балкан економски гледано, според Ескобар, е регион од 20 милиони жители, економија од 125 милијарди долари и економски раст и до пет проценти на годишно ниво во некои случаи.

– Ние на Западен Балкан гледаме како на партнер и сметаме дека и нашите европски партнери треба да гледа така. Тие претставуваат само пет проценти од вкупната ЕУ популацијата, а претставува така голем чекор, изјави Ескобар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.