Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска е во официјална посета на Хрватска, каде ќе се сретне со државниот врв, ќе присуствува на хрватско-турскиот економски форум и ќе отвори исламски центар со џамија во Сисак.

Во Загреб се очекува една од темите на неговата средба со претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ да биде изборниот закон во Босна и Херцеговина.

Хрватските власти со месеци бараат високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, да наметне измени во изборниот закон пред општите избори, со кои ќе се обезбеди Хрватите самостојно да избираат свои претставници, односно да се оневозможи Бошњаците да ги надгласаат.

Ердоган за време на посетата на Сараево се спротивстави на интервенцијата на високиот претставник во изборниот закон во Босна и Херцеговина.

За време на престојот во Хрватска, во која пристигна по посетата на Сараево и Белград, се очекува да бидат потпишани неколку меѓудржавни договори, меѓу кои се меморандуми за разбирање меѓу хрватското и турското Министерство за внатрешни работи за обезбедување на јавниот ред и мир, како и за соработка во областа на управувањето со катастрофи и кризни ситуации.

Ердоган синоќа пристигна во Загреб, а првата средба ја има со претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ. Нешто пред пладне се очекуваат изјави на двајцата претседатели, а потоа нивно заминување во Сисак на отворање на нов исламски центар и џамија. Тоа е трет ваков центар во Хрватска, а се нагласува дека посебна карактеристика на новата џамија е нејзината енергетска ефикасност.

Милановиќ и Ердоган потоа ќе се обратат пред учесниците на хрватско-турскиот бизнис форум во Загреб, на кој, како што соопштија од кабинетот на хрватскиот претседател, своето доаѓање го потврдиле 75 турски и 160 хрватски бизнисмени од различни сектори.

Турскиот претседател во текот на денот ќе се сретне и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Посетата на Ердоган е придружена со силни безбедносни мерки и посебно регулирање на сообраќајот на рутите по кои ќе патува.

Последен пат турскиот претседател беше во Хрватска во 2016 година, за време на претседателскиот мандат на Колинда Грабар-Китаровиќ, на прославата на стогодишнината од исламот во Хрватска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.