Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган во денешната изјава по повод 99-годишнината од Договорот од Лозана ја обвини Атина дека ги прекршила одредбите од Договорот за правата на турското малцинство во Тракија.

Условите кои се дел од Договорот, посебно правата на турското малцинство, се игнорираат или намерно се менуваат. Невозможно е нашата земја да прифати таква ситуација, која е во спротивност со нашите добрососедски односи и придржувањето кон Договор, истакна Ердоган.

Во Тракија муслиманите се 32 отсто од населението, меѓу кои мнозинство се етнички Турци, Роми и Помаци.

Договорот од Лозана, потпишан во 1923 година од новоформираната Република Турција и сојузниците по Првата светска војна, ги регулираше правата на преостанатите муслимански малцинства во Грција и на христијаните во Турција, по остри конфликти меѓу двете земји и размена на население.

Договорот, исто така, ја регулира власта на Грција врз островите во Егејското Море во близина на турскиот брег. Анкара неодамна се пожали дека Грција го прекршува Договорот од Лозана со милитаризирање на тие острови. Грција одговори дека постапува во согласност со меѓународното право и ја брани територијата, што е под постојана турска закана.

Минатиот месец Ердоган се повлече од разговорите на високо ниво со Атина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.