Во неколку експлозии во фабриката „ЕдеПро“, која произведува градобијни ракети кај Бубањ Поток, загинале две лица, но во моментов повеќе лица се водат како исчезнати, објави РТС.

Белградските медиуми јавуваат дека според неофицијални информации експлозијата на ракетно гориво се случила околу 14 часот, а во фабриката имало стотина работници.

Брзата помош постојано пристигнува во оваа фабрика и оди под ротација и ги транспортира повредените во болница. Според досега објавените информации, повредени се 15 лица, пишува Блиц.

Веднаш по експлозијата испратени се 11 возила со 36 пожарникари, а потоа и засилување, изјавија за РТС од МВР.

На местото на несреќата се упатиле пет екипи на брзата помош од Белград, една од Гроцка и една од Калуѓерица.

Над тој дел од градот се гледа густ чад.

На лице место почнале да се собираат семејствата на работниците вработени во фабриката. Насобраните стравуваат за животите на своите најблиски, но полицијата никому не му дава пристап. Патот до фабриката сега е целосно блокиран бидејќи се очекуваат нови експлозии.

Полицијата не дозволува пристап и го пренасочува сообраќајот.

Во ноември 2008 година, во истата фабрика се случи експлозија кога три лица беа повредени, од кои едно потешко, а две полесно, пишува Политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.