Масовни протести мотивирани од иницијативата „Започни со промени“ денеска го блокираа главниот град на Србија, Белград, како и уште 50 населени места ширум целата држава. Масовните протести се организирани поради повлекувањето на Законот за експропријација и измените на Законот за референдум и народна иницијатива. Беа блокирани повеќе патни магистрали, меѓу кои и Ибарска магистрала. На протестите учествуваа илјадници демонстранти, а, како што јавуваат локалните медиуми, биле забележани неколку инциденти.

Протестираа граѓани незадоволни од планот на власта да му дозволи на гигантот „Рио Тинто“ да отвори рудник за литиум. Зелените активисти велат дека проектот ќе ги загади земјата и водите во Србија.

Минатиот викенд имаше слични протести низ Србија за време на кои маскирани луѓе нападнаа учесници на собир во Шабац, што предизвика големо незадоволство на социјалните мрежи. Оние кои денес протестираа бараа ослободување на сите уапсени во протести од минатата сабота, повлекување на Законот за експропријација и измени на Законот за референдум и народната иницијатива, а на истите не беше видливо присуството на унифомирираната полиција.

Во Белград меѓу демонстрантите беа и лидерите на опозицијата, меѓу кои Драган Ѓилас, Мариника Тепиќ, поранешниот премиер Зоран Живковиќ и други.

Четворица студенти беа нападнати и претепани во Нови Сад од триесетина млади момчиња, облечени во црно.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој беше на средба со граѓаните во околината на Лозница заради изградба на рудникот на „Рио Тинто“ изјави дека нема да го укине Законот за референдум, наведувајќи дека Србија нема да ја водат оние кои нема да победат на изборите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.