Претседавачот со ОБСЕ, премиерот и министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Еди Рама и министерката за надворешни работи на Шведска, Ана Линд, земја која ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ, следната година, го повториле предлогот за медијација со белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Во писмото, чија копија АФП ја добила од извори блиски до албанската Влада, се наведува дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ внимателно и со загриженост ги следи настаните во Белорусија.

Како актуелен и иден претседавач на ОБСЕ, од блиску, многу внимателно и со загриженост ги следиме случувањата во Белорусија. Ние сакаме да ја повториме нашата понуда за посета, да ги слушнеме гледиштата за ситуацијата и да разговараме за актуелните предизвици во земјата. Белорусија е ценет член на нашата организација и ние сме подготвени да ја покажеме нашата поддршка за Белорусија – се вели во писмото.

Освен ова, албанскиот премиер деновиве остварил 30-минутен телефонски разговор со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Рама и Лавров разговараа за ситуацијата во Белорусија во контекст на предлозите на албанското претседавање со ОБСЕ да придонесат за дијалог меѓу власта и опозицијата – соопштија од руската амбасада во Тирана.

Според истиот извор, Рама во улога на претседавач со ОБСЕ изразил подготвеност да го посети Минск и да разговора со сите страни, вклучени во конфликтот. Лавров истакнал дека е од суштинско значење на белоруските граѓани да им се овозможи сами да ги решат своите проблеми.

Во недостиг на информација од кабинетот на Рама, соопштението на руската амбасада следуваше откако дел од албанските медиуми пренесоа дека Лавров го информирал Рама оти Русија ја поддржува потребата од интервенција на ОБСЕ за решавање на кризата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.