За време на посетата на Ангела Меркел на Албанија, албанскиот премиер Еди Рама, во име на неговата земја, ја одликува германската канцеларка со орденот Голема ѕвезда во знак на јавна благодарност.

ДАНКЕ АНГЕЛА. Посебно задоволство е да ве одликувам во име на Албанија со орден со голема ѕвезда во знак на јавна благодарност – објави Рама.

Канцеларката Меркел по пристигнувањето имаше одвоена средба со Рама, се сретна и со премиерите на шесте земји од Западен Балкан, а планирани се и средби одделно со секој од нив.

Зборувајќи со нив, Меркел истакна дека нејзина желба била да ги посети сите земји, но тоа е невозможно бидејќи за тоа се потребни 4-5 дена, поради што му се заблагодари на премиерот Рама за организирањето на оваа средба во Тирана.

Средбата се одржува во Бизнис Парк – Тирана, што е најнова германска инвестиција во Албанија.

Целта на посетата на канцеларката Меркел на Тирана е регионалната соработка и главно имплементацијата на заедничкиот регионален пазар, иницијатива во рамки на Берлинскиот процес.

Неколкучасовната посета на Тирана, германската канцеларка Меркел ќе ја заокружи со заедничка прес-конференција со премиерот Рама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.