Политичката формација на Кирил Петков и Асен Василев се регистрираше за учество на предвремените парламентарни избори на 14 ноември во Бугарија.

Поранешниот бугарски привремен министер Кирил Петков, поднел барање до Централната изборна комисија за регистрација на коалицијата „Промената продолжува“ за учество на парламентарните избори во Бугарија. Според Петков, потребниот број потписи за регистрација на коалицијата биле собрани од нејзините активисти за неколку часа.

Истовремено, како што пишува дописникот на МИА од Софија, станало јасно дека „Преродба“, која се смета за проруска партија во Бугарија,го кандидирала нејзиниот лидер Костадин Костадинов за претседател на Бугарија.

Заменик-претседателот на „Преродба“, Цончо Ганев, изјави дека Бугарија има огромна потреба од претседател за да ги брани нејзините национални интереси. Тој ги наведе областите во кои, според нив, актуелниот претседател Румен Радев категорично не го брани бугарскиот интерес за воведување на еврото, пандемијата од Ковид-19, енергетската независност и американските бази во Бугарија.

„Преродба“ не го одобрува воведувањето на еврото во Бугарија. Според Ганев, следниот претседател на Бугарија мора да има јасен и прецизен став по ова прашање и да го брани.

Дописникот на МИА од Софија потсетува дека претседателските и предвремените парламентарни избори во Бугарија треба да се одржат на 14 ноември, а евентуалниот втор круг од претседателските избори би бил на 21 ноември. нк/сд/

2021-09-23 07:12:45, од Николај Крст

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.