Државјанин на Македонија е осомничен од хрватската полиција за „неукажување помош“. Според Јутарни лист 43-годишниот маж не сторил ништо за да му помогне на 51-годишен маж кого го нападнале две лица пред продавница во Пула.

Во Пула се приведени напаѓачите кои во средата попладне тешко повредиле 51-годишен маж пред продавница во населбата Перој. Се работи за 48-годишен државјанин на Србија и 33-годишен државјанин на Босна и Херцеговина. Против нив е покрената кривична пријава за нанесување тешки физички повреди. Тие, како и македонскиот државјанин се осомничени и за кривичното дело „неукажување помош“.

Државјанин на Србија и државјанин на БиХ се осомничени дека на 12 октомври околу 16 часот и 50 минути пред продавница во Перој физички нападнале 51-годишен маж кому му нанеле тешки повреди. Откако напаѓачите виделе дека нападнатиот е во лоша здравствена состојба, не му пружиле помош, со што дополнително му го загрозиле животот. Државјанинот на БиХ, откако повикал итна медицинска помош, не постапувал по инструкциите што медицинските лица му ги давале по телефон, додека државјанинот на Македонија не направил ништо за да го спречи нападот врз повредениот маж, стои во соопштението на Полициската управа на Истра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.