Додека САД, Канада и некои други земји почнаа да ги евакуираат своите граѓани од крузерот „Дијамантска принцеза“, кој се наоѓа во карантин во јапонското пристаниште Јокохама, поради епидемијата на коронавирусот ковид-19, граѓаните од балканскиот регион ќе останат на бродот до крајот на периодот на изолација оваа недела, објави порталот „Балкан инсајт“.

На бродот се наоѓаат околу 3.700 луѓе, а според јапонското Министерство за здравство, бројот на заразените е околу 400, претежно од надвор од Кина.

Меѓу патниците и членовите на екипажот, кои беа ставени во карантин на 3 февруари, има тројца македонски државјани, 14 српски државјани, шест Хрвати, еден државјанин на БиХ и еден на Црна Гора.

Од тројцата македонски државјани, двајца се во добра здравствена состојба, соопшти во четвртокот македонското МНР, додека тестовите покажале дека третиот Македонец е заразен со вирусот и е пренесен во јапонска болница.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во петокот рече дека четворица српски државјани се во изолација на бродот поради контакт со заразено лице, но дека резултатите од нивните тестови сè уште не се познати.

Министерството за надворешни работи на БиХ соопшти дека нивниот граѓанин е член на екипажот и дека не е заразен со вирусот.

Според изјавата на хрватскиот министер за надворешни работи, пет хрватски патници и еден член на екипажот се добро. „Предвидено е тие да останат на бродот барем до 19 февруари, во зависност од динамиката на тестирањето и другите здравствени процедури“, соопшти Министерството за БИРН.

Според податоците од 5 февруари, црногорскиот државјанин не е заразен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.