Првите дози од вакцината Спутник V која ќе се произведува во Институтот Торлак во Србија ќе бидат готови за 10 дена па ќе се дистрибуираат низ пунктовите за вакцинација. Производството започна вчера, а Србија стана првата земја во Европа што произведува руска вакцина.

„Торлак“ во првиот период од четири до шест месеци, треба да произведе четири милиони вакцини „Спутник В“.

За оваа вакцина се тврди дека е калашников по ефикасноста, а Владимир Путин кој виртуелно присуствуваше на почнувањето на процесот на производство рече дека кога станува збор за борба за здравјето и животот на луѓето, потребно е да се остават настрана политичките несогласувања додека трае пандемијата.

На 19 мај, рускиот национален Институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ го потврди квалитетот на вакцината произведена во „Торлак“ и одобри вакцината „Спутник V“ да се произведува во овој српски институт.

Во меѓувреме, нема датум кога Македонија ќе ги добие договорените количини од вакцината Спутник. Иако амбасадорот Баздникин очекува тоа наскоро да се случи, посочи дека прецизен одговор треба да дадат од рускиот фонд за директни инвестиции под чија надлежност е оваа вакцина.

Сепак Баздникин уверува дека руската страна во целост ќе го испочитува договореното.

Инаку до крајот на мај земјава од Русија требаше да добие 200 илјади дози од руската вакцина, но досега испорачани се само 6.000 вакцини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.