Мозаиците од комунистичката ера на контроверзниот споменик во Бугарија добиваат поддршка за живот, пренесува Ројтерс.

Сместен на врвот на еден планински врв во централна Бугарија, огромен бетонски споменик кој наликува на НЛО, изграден за да го величи комунистичкото владеење на оваа балканска земја, е оставен да се урне по распадот на режимот во 1989 година.

Триесетина години подоцна, тим од реставратори од пет европски универзитети работат против времето за да се заштити еден од најголемите модернистички мозаици во Европа, додека Бугарија одлучува за судбината на контроверзниот споменик.

Зад планот стои бугарската архитектка Дора Иванова, чија фондација доби грантови од американската фондација „Гети“ да изготви план за зачувување на напуштениот споменик и неговите закривени сложени мозаични панели што ја прикажуваат комунистичката пропаганда.

Не треба да уништуваме сè што е создадено во периоди што ни се допаѓаат или не ни се допаѓаат или се трауматични, туку напротив, тие треба да постојат за да нè потсетуваат, да ни помогнат да учиме од грешките во минатото, вели Иванова.

Споменикот, бруталистички пример за социјалистичка архитектура, стана жртва на вандализам, крадци и тешки временски услови. Различни цртачи на графити, исто така, оставија свој белег покрај оригиналните мурали на Карл Маркс и Владимир Ленин.

Во 2018 година, Споменикот Бузлуџа беше ставен на списокот на седум најзагрозени споменици од наследството во Европа од организацијата за културно наследство „Европа Ностра“, која сакаше да биде реновиран и отворен за јавноста.

Повеќе од два месеци реставраторите собираа паднати парчиња, ставаа малтер и различни материјали за да го стабилизираат.

 

Ние ги заштитуваме мозаиците од понатамошно распаѓање, рече професорот Томас Данцл, претседател на одделот за конзервација на Техничкиот универзитет во Минхен, дел од тимот на реставратори.

Тој додава дека ваквото наследство треба да биде заштитено како сеќавање на минатото, дури и ако станува збор за контроверзно минато.

Бугарија усвои закон за прогласување на комунистичкиот режим за криминален, но многумина потресени од болната транзиција кон пазарната економија се уште се носталгични за минатото.

Различни влади избегнуваа да одлучат дали Бузлуџа – изградена во 1981 година како спомен-куќа на Бугарската комунистичка партија – треба да биде заштитена како културно наследство.

Иванова смета дека споменикот треба да се направи безбеден и отворен за туристи и дебати, вклучително и за тоа како Бугарите можат да се помират со нивната понова историја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.