По видео-конференција помеѓу  премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и рускиот министер за индустрија и трговија, Денис Мантуров, од српската Влада соопштија дека првата пратка од руската вакцина „Спутник 5“ ќе пристигне во Србија до крајот на оваа недела.

Како што објавија српските медиуми, за време на разговорот, рускиот министер ѝ потврдил на Брнабиќ дека првиот дел од вакцините за лабораториска контрола, во количина од 20 дози, во Србија ќе стигне до крајот на оваа недела.

Брнабиќ изјави дека владата на Србија, заедно со претседателот Вучиќ, работи на тоа што е можно побргу вакцина против корона вирусот да им биде достапна на граѓаните на Србија.

Премиерката посочи дека целта е граѓаните да може да изберат која вакцина ќе ја примат во согласност со препораките и одобренијата на надлежните здравствени установи на Србија.

Брнабиќ додаде дека Србија е заинтересирана да ја разгледа можноста за заедничко производство на вакцина против Ковид-19.

На видеоконференцијата присуствувале и амбасадорот на Руската Федерација во Србија, Александар Бокан Карченко, раководството на руското Министерство за здравство, Рускиот фонд за директни инвестиции и претставници на Министерството за здравство и други надлежни здравствени установи на Србија.

Премиерката Ана Брнабиќ утре ќе го продолжи разговорот со претставниците на компанијата „Фајзер“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.