Јосип Броз Тито е светскиот државник што го доби најспектакуларниот пречек при официјална посета на Севрена Кореја. Тоа се случи летото 1977 година, кога Тито имаше долга турнеја низ земјите од тогашниот комунистички блок.

Прво го посети Советскиот Сојуз, каде се состана со Леонид Брежњев, а потоа, пред да замине во Кина, Тито го посети Пјонгјанг за да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Ил Сунг.

Двајцата државници се состанаа на 21 август. За Тито беше организиран величествен прием и беше организирана повеќечасовна манифестација во негова чест на стадионот во главниот град. Според проценките, околу еден милион луѓе биле ангажирани во организирањето на дочекот на југословенската делегација предводена од Тито.

Дојдовме да ја посетиме вашата прекрасна земја, водени од искрени желби да придонесеме за понатамошно подобрување на пријателската соработка меѓу нашите народи – порача Јосип Броз во својот поздравен говор на свеченоста организирана за него.

По поздравните говори, почна прекрасна програма во која учествуваа неколку илјади луѓе, кои се менуваа со поздравни пораки за добредојде. За време на програмата се  свиреа мелодии од Југославија, како и од Северна Кореја.

Целата турнеја на Тито низ комунистичките земји, а особено посетата на Северна Кореја, беше под будното око на светските сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.