Жителите на Нови Сад на доаѓањето на 1977 година ја добија најголемата чест во тоа време во СФРЈ, да ја пречекаа новата година заедно со најважниот гостин во земјата, Јосип Броз Тито, кој заедно со сопругата Јованка Броз, ја поминаа ноќта помеѓу 31 декември и 1 јануари, во хотелот „Парк“.

Градската власт предводена од Јово Дејановиќ мораше да го покаже развојот на градот, така што доживотниот претседател на СФРЈ во текот на денот ја посети новата фабрика на компанијата „Данубиус“.

Потоа следеше новогодишната ноќ во хотелот „Парк“, а ѕвезда на вечерта беше, легендарниот Миодраг Петровиќ Чкаља, кој читаше хумористични честитки упатени до другарот Тито и други политичари.

Една ваква вечер во Нови Сад не можеше да помине без тамбурашот Јаника Балаж и оркестарот на Јован Адамов. Таму беа и Мира Бањац, Борис Дворник, Иван Хајтл, Милка Стојановиќ и многу други.

Кога веќе дојде новата 1977 година, Тито ја крена чашата „за среќа и благосостојба на југословенските народи и националности и на работничката класа“. По полноќ и танцувањето со неговата сопруга Јованка, Тито ги посети војниците во Домот на ЈНА, а следниот ден замина за Караѓорѓево.

Во знак на сеќавање на честа што градот ја доби за време на тој новогодишен пречек, и многу години подоцна, апартманот во кој Јосип Броз Тито преноќи во хотелот „Парк“, сè уште е именуван по негово име – „Резиденцијата на Тито“.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.