Северна Македонија треба да ги почитува обврските и правилно да го толкува Договорот од Преспа, рече министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

Во однос на Владата на Северна Македонија јасно е дека треба строго и точно да се придржуваат до обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа. Во ова е вклучено и точното толкување, бидејќи секој правен текст, па дури и најкомплетниот и најдеталниот правен текст има простор за толкување. Сакаме да се согласиме со Владата на Северна Македонија за правилно толкување на договорот. Да ги решиме проблемите со производите. Да ги заштитиме интересите на грчките бизниси на позитивен начин за целиот регион. Да се почитува се што е предвидено за прашањата на културното наследство на античка Грција, вели Дендиас.

Како што jави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција денеска е во Луксембург, каде што ќе учествува на Советот за надворешни прашања на ЕУ.

Утре, шефот на грчката дипломатија заедно со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција ќе учествуваат на Советот за општи работи на Унијата, а дискусијата ќе се фокусира на подготовката за претстојниот Совет на ЕУ на 17 и 18 октомври. Особен акцент за време на утрешниот состанок ќе биде ставен и на европската перспектива на Македонија и Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.