По вонредниот состанок на Советот за надворешни прашања на ЕУ и по средбите со американскиот државен секретар Мајк Помпео и шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, порача дека основен предуслов за да има деескалација на состојбата во источниот Медитеран е Турција да го напушти грчкиот континентален гребен.

Дендиас истакна дека Турција е единтевсниот одговорен за тензиите, дека ја милитаризира ситуацијата и дека има недостиг на правни аргументи.

На господинот Помпео, како и на моите европски соговорници им истакнав дека Турција е единствената одговорна за ескалацијата на тензијата во Источниот Медитеран и мора веднаш да го напушти грчкиот континентален гребен. Ова е неизбежен предуслов за да можеме да имаме деескалација на ситуацијата – изјави Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија додаде дека таа позиција ја делат сите негови соговорници и објасни дека се составува листа со санкции што Грција ги побарала од Европската унија.

Дендиас посочи дека целта е „да постои подготвена алатка во ЕУ, доколку биде потребно“.

Тоа е алатка што ќе ја натера Турција да се врати на патот на легитимноста и меѓународното право – истакна Дендиас.

Во изјавата по средбите во Виена со Помпео и Шаленберг и учеството на состанокот со неговите колеги од ЕУ, шефот на грчката дипломатија повтори дека Грција е отворена за дијалог со Турција, но, не под притисок и уцена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.