Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и претседателот на Комитетот за надворешни односи во американскиот Сенат, Роберт Менендез на нивната средба во грчкото МНР, ги истакнаа одличните односи меѓу САД и Грција.

Менендез порача дека Грција е столб на стабилност и унапредување на демократијата и просперитетот во поширокиот регион, додавајќи дека ќе продолжи меѓусебната соработка за постигнување на оваа цел.

Во однос на грчко-турските односи, американскиот сенатор истакна дека разликите треба да се решаваат врз основа на меѓународното право.

Секогаш се надевавме дека Турција ќе дејствува како мост меѓу Исток и Запад, како секуларна Влада, како добар сојузник, што ќе ја унапредува демократијата. За жал, претседателот Ердоган не одговори на реалноста на која што се надевавме и треба да управуваме со актуелната реалност – истакна Менендез.

Шефот на грчката дипломатија потенцираше дека Грција е посветена на почитување на меѓународното и морското право и е апсолутно посветена на воздржување од употреба на сила или од закани за употреба на сила.

Тој истакна дека Турција, прекршувајќи го секое правило на правото, издала закана за војна против Грција доколку го искористи неотуѓивото право да ги прошири територијалните води на островите.

Тоа е единствената земја во светската заедница што издаде закана за војна, „casus belli“, против друга земја. И секако, тоа ако другата земја ги оствари своите неотуѓиви права – изјави шефот на грчката дипломатија.

Дендиас истакна дека Менендез е вистински пријател на Грција, кој на најрешителен начин придонесе за зајакнување на стратешките односи меѓу САД и Грција.

Во изјавите по средбата, шефот на грчката дипломатија откри дека во рамките на стратешкиот дијалог се очекува во октомври да го посети Вашингтон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.