Осум деца и четворица возрасни се повредени во сообраќајната несреќа во Бугарија, кога автобус од Србија, кој превезувал деца и возрасни од фолклорниот ансамбл Ју-Лира од Батајница, се превртел на автопатот Тракија, соопшти бугарската полиција.

Како што пренесува „дневник.бг“, во болницата во градот Стара Загора се донесени 17 деца. Очевидци кои случајно се нашле на лице место раскажуваат за Нова.бг за страшните сцени кои ги виделе на местото на несреќата.

„Патувавме, одеднаш се појави гужва. Кога стигнавме на местото на настанот прашав што се случило и дали можеме да помогнеме. Ни рекоа дека можеме да ги носиме луѓето во болница. Она што го видов беше прилично непријатна глетка – деца врескаат, викаат, плачат, целосен ужас. Имаше пожарникари и полицајци, но немаше возила на брза помош“, изјави Теодор Бочев, сведок на несреќата.

Според него, првиот човек кој им помогнал на настраданите бил лекар кој се возел зад автобусот.

Првото нешто што го видов беа деца. Кога застанав здогледав возило од кое во страшна состојба излегуваа деца. Го зедов комплетот за прва помош и се упатив кон повредените“, изјави за Нова.бг, Живко Стамболиев, друг сведок на тешката несреќа.

Благодарение на лекарот кој бил на лице место, била организирана помош. Давал инструкции како да им помогне на настраданите, изјави очевидецот.

„Ситуацијата беше страшна! Прв пат видов ваков хорор!“, изјави Стамболиев.

Официјалната причина за несреќата на автобусот со српски деца во Бугарија сè уште не е позната, но, како што кажа за ТВ Нова една од патничките во автобусот, вниманието на возачот го одвлекло тоа што сакал да му помогне на еден од патниците кој не можел да го тргне потпирачот на седиштето. Возачот, како што рече патничката, се обидел да му помогне на патникот, но ненадејно го свртел воланот надесно и излеталe од патот.

Автобус со српски регистарски таблички се преврти во недела во Бугарија. Несреќата се случи на автопатот „Тракија“ во 8:10 часот на 217 километри од Софија, кај Стара Загора.

Во автобусот имало 38 деца, десет возрасни и еден возач.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.