Сите ученици во едно одделение во загрепско основно училиште веќе два дена не одат на настава откако во средата ученик нападнал и давел соученик на подот од училишниот тоалет, по што родителите се одлучиле на овој чекор, јавува „Дневник.хр“.

Нападот го видел трет ученик, кој веднаш истрчала кон наставничката, која од страв се заклучила во училницата заедно со останатите ученици.

Проблемите со момчето, кое вербално и физички ги напаѓа другите ученици, како и наставничката, траат повеќе од две години, а еднаш дури интервенирала и полицијата.

Минатата година ќерка ми толку се плашеше да оди на училиште што се држеше за вратата од училницата, плачеше и не сакаше да влезе, вели вознемирена мајка за весникот, прашувајќи „Што е следно? Ќе дојде во училница со нож?“

Претставничката на родителите А.Б., за медиумите изјавила дека момчето се дружи со нејзиниот син и дека тој бил „добро момче“, но дека треба некој повеќе да се позанимава со него.

Директорката на училиштето потврдила дека долго време се обидувала да го реши проблемот со ученикот. Посочува дека не ја поддржува одлуката на родителите да не ги праќаат децата на училиште бидејќи тоа „го кочи нивното образование“.

Додава дека ја собрале целата потребна документација и дека денеска има состанок за ученикот. Таа истакна дека за целосното решение би можело да се чека и до две недели, но дека „нашле противпожарна мерка со која децата ќе одат на училиште“. Детали не сакала да ги открие.

За ситуацијата околу момчето известени се Министерството за наука и образование, Центарот за социјални работи, полицијата, како и Градската канцеларија за образование, пишува „Дневник.хр“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.