Лидерот на опозициската Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), Дардан Молиќај, изјави дека новото исцртување на границите меѓу Косово и Србија е решението кое ќе доведе до конечна спогодба за решавање на споровите меѓу двете држави.

Претставувајќи го „Манифестот на ПСД“ на телевизијата Клан Косова, Молиќај кажа дека конечниот косовско-српски договор, што му е „потребен на целиот регион“, треба да „подразбира самоопределување на Косово и обединување со Албанија“.

На Косово му треба договор и тој му е потребен на целиот регион. На повидок се три можности: да се продолжи статус кво-то, што би претставувало регрес; второ, постигнување договор што ќе ја подразбира Заедницата на српски општини во Косово, што е нефункционално и подразбира продолжување на конфликтот; и трето е редефинирањето на границите и тоа подразбира дефинитивно раздвојување и меѓусебно признавање меѓу двете држави. Тоа подразбира самоопределување на Косово и обединување со Албанија – изјави Молиќај.

ПСД, партија која се формира во мај 2018 година од незадоволни пратеници и членови на раководството на сега владејачкото Движење самоопределување на премиерот Албин Курти, верува дека „новото исцртување на границите (меѓу Косово и Србија) претствува решение за траен мир“.

Тоа е можност за конечен договор, во чиј центар ќе биде еднаквоста и волјата на народот – изјави Молиќај.

Тој ја критикуваше владата на Курти за односот што го има во процесот на дијалогот со Србија, оценувајќи го нејзиниот дискурс кон Србија како „воинствен и одмазнички“.

Пристапот на новата влада е многу застарен. Нејзиниот дискурс е да се подготвиме за новиот напад, наместо да дискутираме за мир. Имаме воинствен и одмазнички дискурс кон Србија… Таквиот пристап не носи ниту соработка, ниту добросостојба. Но, ние не ни очекувавме нешто од оваа влада – изјави Молиќај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.