Поради сомнежи за постоење масовна гробница од војната во Косово во 1998-99 година, Институтот за судска медицина утре ќе почне со ископувања во кампусот на Приштинскиот универзитет, во близина на тамошната православна црква, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на Институтот, Арсим Грџалиу изјави за медиумите дека, според искази на очевидци, во време на последната војна на тоа место имало движења на градежна механизација, и тоа главно ноќе. Грџалиу наведе дека на местото каде што сега ќе се ископува биле пронајдени делови од облека на мажи и жени, на кои имало траги од крв.

Членот на владината Комисија за исчезнати лица Куштрим Гара информира дека подготовките на теренот ќе се извршат во текот на денешниот ден, додека ископувањето ќе започне утре во девет часот претпладне.

Во Универзитетскиот кампус во центарот на Приштина имало ископувања и во 2016 година, но тогаш не била откриена масовна гробница. Новото ископување, по налог на обвинителката Дрита Хајдари, ќе се врши на друга локација, која е во близина на претходната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.