Колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемно прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервју за МИА.

На три години од потпишувањето на Договорот од Преспа со што се стави крај на деценискиот спор, поранешниот грчки премиер во разговор со дописничката на МИА од Атина, ги коментира односите меѓу двете соседни земји, вели дека многу работи се сменија, стигнавме далеку, но можеме да одиме уште подалеку и уште работи да се сменат на подобро.

Истакнува дека со Договорот од Преспа, ЕУ беше принудена да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне нејзината улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Македонија, туку и за Албанија

Ципрас открива што би направил поинаку од актуелната грчка Влада, доколку СИРИЗА беше сега на власт, а во интервјуто за МИА го потврдува и неговото учество на првиот Преспа форум за дијалог што го организира Министерството за надворешни работи на Македонија, а ќе се одржи на 1 и 2 јули 2021 година во Отешево и Охрид со цел зајакнување на стабилноста, регионалната соработка, добрососедските односи итн.

Договорот од Преспа меѓу двете земји беше потпишан на 17 јуни 2018 година во Псарадес, од грчката страна на Преспанското Езеро. Една година подоцна во Грција се одржаа тројни избори, локални, европски и парламентарни, кои беа и предвремени, тогаш владејачката СИРИЗА загуби и од 7 јули 2019 година, дојде на власт Нова демократија.

Партијата на актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, иако како опозиција беше против договорот и го сметаше за штетен за националните интереси на Грција, сепак, сега како Влада, го почитува, а билатералната соработка меѓу двете земји бележи напредок.

Господине Ципрас, денеска се навршуваат точно три години од потпишувањето на Договорот од Преспа. Гледајќи ги работите од оваа временска дистанца и од позиција на опозиција, што е променето меѓу двете земји?

Многу работи се сменија кон подобро и можат уште повеќе да се сменат. Во периодот 2014-2017 година ЕУ соопшти замрзнување на пристапниот процес, нејзиното влијание драстично се намалуваше во корист на други сили со свои планови, а Западен Балкан тонеше од една во друга криза. Со Договорот од Преспа ја принудивме ЕУ да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне нејзината улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Македонија, туку и за Албанија. Замислете во каква ситуација ќе се наоѓаше Западен Балкан, доколку не постоеше оваа разврска и како негативно ќе го повлечеше развојот на настаните и за други, како на пример во врска со разговорите Белград- Приштина. Пред сè, воспоставивме стратешки однос на соработка и пријателство. Однос што ѝ овозможува на Грција активно да го поддржува европскиот курс на Македонија, драстично да се развива регионалната економска и енергетска соработка и да го надгледува воздушниот простор како земја сојузник.

Докажавме дека Грција, навистина е столб на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот. Докажавме дека прогресивните сили, навистина можат да го сменат светот и дека е изводливо изнаоѓањето заемно прифатливи договори, доколку постои почитување. Меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право. Не беше лесно за мене и за Зоран, ниту за Никос Коѕијас и Никола Димитров. Во преговорите имаше и несогласувања и конфронтации. Но, меѓу нас постоеше почитување и политичка волја дека работите треба да се променат кон подобро, без разлика колку и да е тешко. Така се гради пријателство и во политиката и на човечко ниво.

За жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија. Го разбирам разочарувањето на народот од Македонија. Единствено можам да кажам е дека колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемни прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото.

 

СИРИЗА ги загуби изборите во 2019 година, а можеби одигра улога и Договорот од Преспа. На крајот, вредеше сето тоа? Кога би можеле да го вратите времето, би смениле нешто?

Како прогресивни политичари, тука сме да промовираме решенија, дури и ако имаат политичка цена. Можеби, кога би го вратил времето назад, би направил уште поголеми напори за да му ги соопштам на целиот грчки народ придобивките од договорот, кои сега, сè повеќе луѓе ги препознаваат, согласно соодветните истражувања.

Како и да е, Грција се смени, Македонија се смени и никој не може да нè врати назад. Секојпат кога го слушам Зоран Заев кога вели дека премиерот Мицотакис води битки за почитување на договорот и за европската иднина на Македонија, се насмевнувам и си мислам: Никој не може да нè врати назад.

 

Доколку сега бевте на власт, ќе направевте нешто поразлично во политиката кон Македонија во однос на она што го прави актуелната грчка Влада?

Доколку бевме Влада ќе одевме уште порешително напред во спроведувањето на договорот и во унапредувањето на нашите стратешки односи со Македонија. Ќе пристапевме кон одржување на вториот Совет за соработка на високо ниво, веќе ќе ги имавме ратификувано меморандумите за соработка што се во корист на двете страни, ќе беше напредната работата за трговските ознаки и ќе беше спроведена одлуката од јуни 2019 година за учебниците во Македонија, како што беше спроведена од Грција.

Главно, сметам дека е многу важна секојдневната соработка на двете земји за следење и спроведување на договорот врз основа на конкретен план. Имплементацијата на Договорот не се одвива во лабораториски услови. Само со постојана комуникација, почит, упорност и градење доверба можеме заедно да им одговориме на оние кои сакаат да го поткопаат Договорот. Па така, високо ќе ја поставевме целта за спроведувањето на Договорот од страна на Грција и истото ќе го побаравме и од нашите пријатели. Во оваа рамка, како што беше случај со многу други јавни ентитети во Македонија, особено за време на владата на СИРИЗА, навремено ќе беше решено и прашањето со дресовите на репрезентацијата, на начинот предвиден во Договорот од Преспа.

За две седмици, повторно ќе бидете од другата страна на границата, во близина на Преспа за да учествувате на првиот Преспа форум за дијалог. Која е пораката што ќе ја испратите и како гледате на вашето учество?

Пораката е дека стигнавме далеку, но заедно можеме да одиме уште понапред. Секако, мислам на нашите две земји, но и не само на нив. Сметам дека Преспа форумот е многу позитивна иницијатива и затоа што духот на Преспа се однесува на целиот наш регион, на Европа и многу пошироко, на секој регионален спор и разлика. Треба да продолжиме да ги истакнуваме важноста и придобивките што ги има решавањето на разликите базирано на меѓународното право, за мирот, стабилноста и заеднички развој. И треба, уште еднаш да ја инспирираме, но и да ја убедиме Европската Унија да ја зајакне нејзината улога во оваа насока. На Балканот и пошироко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.