Повик до граѓаните да излезат на гласање за да изберат градоначалници и префекти, упатија грчкиот премиер Алексис Ципрас и претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис откако го остварија правото на глас во вториот круг од локалните избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Денес ги повикуваме граѓаните да изберат прогресивни кандидати за градоначалници и префекти, онаму каде што се гласа. Прогресивни кандидати наспроти конзервативните претставниците, но и градоначалници и префекти кои имаат авторитет и сериозност да се справат со зголемените проблеми со кои се соочуваат локалните заедници. Јас сум оптимист дека луѓето ќе го сторат она што ќе биде најдобро за локалните заедници, за општините и за перифериите, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас.

За Мицотакис локалната самоуправа е столб на демократијата.

Ги повикувам денес граѓаните да излезат и да изберат градоначалници и префекти. Да учествуваат во овој празник на демократијата, особено во случаи кога има само едно гласање, односно таму каде што резултатот или на ниво на периферија или на ниво на општината е одредено во првиот круг, рече претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

И грчкиот премиер и лидерот на опозициската партија беа пречекани со аплаузи од нивните поддржувачи кои што се собраа пред училиштата во кои денес гласаа. Ципрас во населба во централниот дел на Атина, Мицотакис во северниот дел.

Откако го исполнија правото на глас, повторно беа испратени со аплаузи, но и кусо поразговараа и се сликаа со граѓаните.

Мицотакис на гласачкото место пристигна во придружба на неговиот син и сопругата, а претходно присуствуваше на литургија во црква.

За разлика од Ципрас и Мицотакис кои во изјавите се задржаа на денешниот втор круг од изборите, лидерката на Движењето на промена, Фофи Генимата ги спомена и претстојните предвремени парламентарни избори.

-Минатата недела граѓаните со нивниот глас го принудија Ципрас да распише избори. Денес, со нивниот избор, ќе стават крај на неговата катастрофална политика во локалната самоуправа, во општините и перифериите. На националните избори, треба дефинитивно да се порази политиката и раководството на СИРИЗА, што немаат врска со прогресивна партија. Ова е нашата цел, рече Генимата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.