Во моментот кога ЕУ е соочена со последиците од трагичната одлука да не даде зелено светло за интегративен процес на Северна Македонија, Грција се чини дека е целосно отсутна од случувањата во нејзиното соседство – напиша утрово на Фејсбук лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, коментирајќи ја позицијата на актуелната грчка влада и упатувајќи критики за пасивност и улога на статист во регионот, јави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот на Европскиот совет, (грчкиот премиер) тивко ги следеше Данска и Холандија да преговараат за иднината на Балканот. И сега со непријатност ја следи Италија, која предлага одново да започне пристапниот дијалог во ноември. Сигурен сум, колку јавно и да го кажува крајно контрадикторното дека треба да го почитуваме штетниот договор, истовремено ќе моли во соседната земја да не победат повторно националистите и го оспорат, меѓу другото, „срамниот“ Договор од Преспа. Со овие работи, Грција за жал се враќа на улогата на статист во балканскиот регион. Малата Грција која ги следи иницијативите на трети – напиша Ципрас на Фејсбук.

Поранешниот грчки премиер додава дека надворешна политика не се води под страв од внатрешно партиските корелации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.