Ако Владата на СИРИЗА тогаш отстапеше пред задушувачките притисоци на сегашниот премиер Кирјакос Мицотакис и радикалната десница и ако немаше сериозност, одговорност, решителност, па дури и храброст да ја прифати политичката и партиската цена, денес на северната граница на нашата земја, наместо пријател, ќе имавме непријател и веројатно уште еден сојузник на Турција на Реџеп Тајип Ердоган, како што е Либија. И се подразбира што ова би значело во услови на опасна ескалација на турската провокација, изјави лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.

За време на расправата во грчкиот Парламент за законот за проширување на територијалните води во Јонското Море, Ципрас, говорејќи за надворешната политика на земјата, се осврна и на Договорот од Преспа и упати критики до грчкиот премиер Мицотакис за позицијата што тој и неговата партија ја имаа кога беа опозиција и сега како Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

„Предавничкиот“ Договор од Преспа, господине Мицотакис, сега стана толку корисен за интересите за земјата што барате од Македонија негово почитување и тоа добронамерно, како што неодамна рековте во вашата изјава, рече поранешниот грчки премиер.

Ципрас го потсети Мицотакис „со каква леснотија аплаудираа“ за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа пред две години, на изјавата на тогашниот пратеник од Нова демократија, а сега министер за внатрешни работи Макис Воридис, кога „ја нарекуваше Владата на СИРИЗА – Влада на национално предавство“.

Паралелно ги спомена и трите меморандуми со Македонија, кои иако се доставени во Парламентот уште од средината на септември, сè уште не се ставени на дневен ред за ратификација.

Патем, да забележам, каква национална сериозност се покажува, од една страна да го повикувате министерот за надворешни работи на Македонија верно да се придржува до Договорот, а од друга страна да не се осмелувате, господине Мицотакис, овде, во оваа просторија, како премиер на земјата, воопшто да не ги изговорите зборовите „Македонија“? Или еден ден да соопштувате во медиумите дека се борите за Македонија, а следниот да не се осмелувате, веќе со месеци не се осмелувате, да ги донесете во Парламентот и конечно да ги ратификувате меморандумите со соседната земја?, рече Ципрас и се запраша дали тоа е знак на сериозна земја со сериозност и одговорност.

Лидерот на СИРИЗА, ги спомена неодамнешните инциденти во Вашингтон, споредувајќи ги со протестот против Договорот од Преспа, што пред точно две години се одржа пред грчкиот Парламент.

Тој рече дека „сликите што ги видовме и сите ги осудивме во Капитол во Вашингтон во САД, ги живеевме, овде, надвор од оваа просторија, кога вие бевте во првите редови на демонстрациите, а дел од радикалната десница, Златна зора, но не само тие, се одвои и се обиде да влезе во Парламентот“.

Заедничката карактеристика на Капитол, на инцидентите во Капитол со она што се случи пред грчкиот Парламент во 2019 година и во 2018, два пати имаше протести. Заедничката точка на Капитол и обидот за влез во Парламентот за време на расправата и гласањето на Договорот од Преспа, заедничка точка е дека радикални десничари беа таму, радикални десничари беа и овде, господине Мицотакис, рече Ципрас.

Грчкиот премиер во однос на упадот на демонстрантите во Капитол, одговори дека потсетувало на протестите од 2011 година, по кои, како што рече „Ципрас и Каменос дојдоа на власт“, додека пак за Договорот од Преспа го повтори неговиот став дека по гласањето имаат обврска да го имплементираат.

Ќе ви кажам уште еднаш, дека многу пати од Парламентот, јасно имав кажано дека ние не се согласуваме со овој договор, но доколку се изгласа, обврзани сме да го спроведеме. Бевме апсолутно доследни до она што го кажавме и тоа го правиме во моментов, истакна Мицотакис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.