Мислам дека сѐ уште е рано да говориме за туризмот и како ќе функционира туризмот, можеби до крајот на мај ќе имаме повеќе научни податоци за јасно да кажеме што би можело да се користи како критериум за патување од една во друга земја, рече претставникот на Министерството за здравство на Грција надлежен за Ковид-19, професорот Сотирис Циодрас на денешната редовна прес конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање за надворешниот туризам и критериумите за патување, тој објасни дека во овој момент постои неизвесност за конкретното прашање, кое го разгледува и надлежната експертска комисија во Министерството за здравство на Грција, но не постојат доволно научни податоци.

-Рано е со сигурност да одговориме што е правилно и кој критериум би можел да се користи за да се дозволи контролиран влез и излез од земја од Европската унија. Не е нешто видливо, барем не во следниот месец. Можеби до крајот на мај ќе имаме повеќе научни податоци за јасно да кажеме што би можело да се користи како критериум, рече Циодрас.

Објасни дека единствен податок од првата фаза на епидемијата е она што некои земји го користеа за патување на граѓаните, односно барањето, оние кои патуваат да имаат потврда за негативен тест и задолжителен 14-дневен карантин, карантин што како што истакна Циодрас, не е изводлив за туристите.

Паралелно додаде дека и во СЗО има недостиг на податоци во однос на тоа што значи имун на вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.