За нов премиер на Србија ќе се борат четворица кандидати. Како што дознава српски „Блиц“, претседателот Александар Вучиќ размислува меѓу Марко Ѓуриќ, Ана Брнабиќ, Синиша Мали и Милош Вучевиќ.
За враќањето на Марко Ѓуриќ, актуелниот амбасадор на Србија во САД, се повеќе се зборува од предизборната кампања. По најавата на Вучиќ дека ќе го напушти раководството на Српската напредна партија (СНС), се шпекулираше дека Ѓуриќ би можел да го наследи на чело на партијата.
Сепак, според извори блиски до претседателот, Ѓуриќ има реални шанси да стане шеф на владата.
– Ѓуриќ со години е човекот од најголема доверба на Вучиќ. Тоа го покажа со тоа што реши да го испрати во Вашингтон во многу деликатен момент за земјата. Извесно е дека Ѓуриќ се враќа во Србија, прашање е само каква работа ќе работи актуелниот амбасадор во Вашингтон во иднина, а голема е веројатноста тој да биде на чело на извршната власт – вели изворот на „Блиц“.
Актуелниот министер за финансии Синиша Мали и градоначалникот на Нови Сад и претходно се вртеа за премиерската функција, но таа идеја никогаш не беше реализирана.
-Вучиќ верува во двајцата, прашање е само на негова проценка каде можат да дадат најмногу. И Мали и Вучевиќ имаат резултати на претходните позиции – пишува Блиц.
Кога станува збор за Ана Брнабиќ, претседателот Вучиќ е задоволен од тоа како работела и колку била пожртвувана.
– Пред извесно време и планираше друга функција, подеднакво одговорна, но не е сигурен дали да прави рокади или да си поигрува и да и довери уште еден мандат на Ана Брнабиќ – вели соговорникот на „Блиц“ близок до претседателот на Србија.
Александар Вучиќ неодамна најави дека ќе се занимава со новата влада кога ќе положи заклетва пред парламентот, додавајќи дека не го интересира јавно да нафрла имиња, бидејќи „имал поважна работа“.
Доколку изборот остане Ана Брнабиќ, таа ќе стане првиот премиер во три последователни мандати по промените на 5 октомври, но може да го надмине и Мирко Марјановиќ, кој беше на чело на српската влада од 18 март 1994 година до 24 октомври 2000 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.